Ковачевски: Ќе повикаме на смирување на сите тензии и на воспоставување на дијалог кој е единствениот начин за повторно да имаме мир во Европа

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамки на посетата на Братислава каде учествува на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023, даде изјава за медиумите.

„Како одговорен дел од меѓународната заедница, членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ и земја со започнати преговори за членство во ЕУ, ние имаме обврска и должност активно да учествуваме со свој придонес кон колективната одговорност за мирот, за градење на демократијата и човековите права, како и за негувањето на добрососедските односи, бидејќи единствено така може да имаме стабилен и економски силен регион и на Европа во целина“ рече Ковачевски.

Тој напомена дека „на панелот ќе бидеме заедно со премиерот на Албанија, со г. Рама на кој ќе зборуваме и за практичните аспекти на соработката во рамки на иницијативата ОБ за ефектите кои таа ги има пред се позитивни ефекти на економската размена меѓу 3-те држави која е исклучително зголемена во изминатите 2 години“.

„Ќе разговараме за безбедносниот контекст кој произлегува од војната во Украина меѓутоа секако и за случувањата во нашиот регион. Нормално дека ќе повикаме на смирување на сите тензии и на воспоставување на дијалог кој е единствениот начин за повторно да имаме мир во Европа и економски просперитет како пред оваа војна. Во текот на денот ќе имаме и билатерална средба со претседателот на Франција, г. Макрон на којшто ќе разговараме за важни теми кои што се врзани за нашето зачленување кон ЕУ, секако и за билатералната соработка која ја имаме со Франција од првиот ден од нашата независност“ – рече Ковачевски.