Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци. Процесот може да почне и без постигнат политички дијалог и да се искористат триесетте дена до првото гласање за постигнување договор.
Ова денеска на новинарите им го кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери.
-Процедурално не е пречка да се отпочне процесот и да продолжат преговорите за политички консензус. Не е невозможна мисија имајќи ги предвид овие рокови. И додека течат тие рокови има време за дебата. Процедурално е можно, рече тој.
Искажувајќи лично мислење тој смета дека процесот треба да почне и да заврши.
-Консензус е неминовен во оваа процедура затоа што не може се помине ни во една постапка без тој консензус – рече Џафери.
Во овој случај, додава тој, ова веќе ги надминува интересите на мнозинството. -Ова веќе не е само интерес на мнозинството, ова е интерес на државата на граѓаните. Државата 30 години работи макотрпно на тоа да ги оствари двете стратешки цели кои ги определиле уште при осамостојувањето, ова е можноста, вели Џафери.
Џафери додава дека доколку нема две третини на првото гласање, процедурата ќе прекине. За тоа дали во вакво сценарио би имало избори, Џафери вели дека за тоа да се случи потребни се 61 глас за распуштање на Парламентот.
Државниот врв, според него, досега не разговарал доколку не се усвојат уставните измени, што може да предизвика нова длабока политичка криза.
Од пристигнувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието, потребни се 30 дена за таа да биде разгледана, по што ќе се одржи пленарна седница на која треба да се гласа.
– Седницата може да почне и со 61 пратеник за усвојување на дневниот ред, со точка на дневен ред иницијатива за пристапување кон измени на уставните измени. Се усвојува дневниот ред со присуство на 61 пратеник, а од нив минимум една третина да изгласа „за“ е поминат дневниот ред. Одлуката за пристапување што треба да ја донесе Собранието е со двотретински гласање (од 120 тоа се 80 пратеници). Особено што се работи за промена на Преамбулата и по она што кажа Работната група во кои правци ќе оди измената ќе се оди на составот на Комитетот и дијаспората, оваа иницијатива ќе има две точки, барем првично каде што треба да се гласа и со Бадентерово мнозинство – појасни Џафери.