Пратеничката група на Алијанса за Албанците во Собранието ја одби поканата на лидерот на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово Билал Касами да се приклучи на т.н. опозициски фронт. Според пратениците на Алијанса за Албанците поканата на Касами предизвикува поделби, објави ТВ Алсат.
„Билал Касами, Алијанса за Албанците не е само пратеничка група, не се само пратеници, а уште помалку група платеници што ги нарекувате контакти со членството на Алијанса за Албанците. АА е цела политичка структура со својата хиерархија и политичка структура која се протега во секој град, село, маало, од Липково до Битола. Од твојата маленкост како политичар не очекуваме да излезат големи зборови, туку само зборови со пораки за поделби и да се каже дека не си подготвен за големи работи“, велат од АА.
Од друга страна пратеникот на Беса, Фадил Зендели, вели дека опозицискиот фронт не е само за двете партии Беса и Алтернатива, туку е отворен за сите пратеници, невладини организации и експерти кои сакаат промени во албанската политичка сцена. Според него, Алијанса веќе си го определила својот пат.
„Добра намера на претседателот Касами беше оваа опозициска група да биде што поширока, но реално претседателот на Алијанса за Албанците претходно изјави дека имаат намера да имаат заеднички листи со ДУИ. Можеби тие го избрале својот пат. Тие за нивната работа, ние за нашата“,вели Зендели, пренесе Алсат.
Поканата за окрупнување на опозицискиот фронт на Касами беше адресирана и до пратениците од т.н. „огнена група“ на ДУИ. „Огнентите“ ја поздравија иницијативата, но одговорија дека својата битка ќе ја продолжат внатре во ДУИ.
Имајќи го предвид ваквиот став од „огнетите“, пратеникот на Беса, Зендели, вели оти во таков случај соработката со нив е невозможна.
„Ние сме заинтересирани да соработуваме со нив. Но, сè додека се изјаснуваат дека се дел од ДУИ, оваа соработка донекаде станува невозможна. Ние сме опозициска партија. Наша цел е да ја одведеме ДУИ во опозиција и сè додека има нејаснотии во оваа насока, таквата соработка е невозможна“,вели Зендели.
Партијата на Гаши, Алтернатива во февруари годинава одлучи да излезе од владината коалиција откако Алијансата за Албанците донесе одлука да ѝ се приклучи на Владата. Беса, исто така, во минатото беше дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ, но по локалните избори во октомври 2021 година реши да премине во опозиција, а во Владата, пак, тогаш влезе Алтернатива.
За потсетување, Алтернатива е партија што произлезе од Движењето Беса по поделбите што се случија поради лошите резултати на локалните избори во 2017 година. Сега со повторното задружување на силите, двете партии веќе планираат да формираат заедничка пратеничка група.