Судски совет ги отфрла тврдењата на холандскиот амбасадор за изборот на новиот претседател

Судскиот совет (СС) функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет, заклучиле на денешниот работен колегиум на кој се отфрлени како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на СС е избран во нелигитимна процедура и затоа се става во мирување четиригодишниот проект финансиран од оваа земја.

-Членовите потенцираат дека првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет – соопштија од Судскиот совет.

Холандскиот проект, како што е посочено во соопштението, трае четири години и се состои од три компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година.

Амбасадорот Коп вчера во интервју за РСЕ соопшти дека Холандија ставила во мирување проект поврзан со Судскиот совет, кој, како што рече, стана нелегитимно тело.

Тој напомена дека Холандија внимателно ги следи состојбите во македонскиот правосуден систем.