Менувањето на Преамбулата на Уставот е гаранција за почеток на новата фаза од преговарачкиот процес на Северна Македонија со ЕУ, уверува холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп.
Во неделното интервју за РСЕ, тој жестоко ги критикува состојбите во судството и борбата против корупцијата.
Амбасадорот зборува за политички влијанија во сите сфери од правосудниот систем, за лошите резултати во спроведување на реформите, за злоупотребата на европското знаме и последиците за македонските евроинтеграции.
На прашање како Владата се справува со овој проблем, Коп вели:
„Па, не гледаме некој напредок, напротив сметаме дека работите се влошуваат. Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Всушност годинешниот извештај од Антикорупциската комисија покажува дека 10 проценки од претставките се процесирани, тоа е многу помалку и во однос на 20-те проценти во извештајот од 2021 година, кој патем се уште не е разгледан од Парламентот во последните 2 години, нешто што требаше да се направи. Затоа нема причина за оптимизам. Како што кажав и порано корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега, зошто ако сакате да сте во Унијата во процесот на преговори, оваа состојба со менталитетот и политичката волја заедно со неказнивоста која оди со тоа и која е најпрезирана од граѓаните, мора да се смени веднаш. Во спротивно желбата да бидете дел од ЕУ во 2023 година, ќе биде илузија“.
Коп смета дека и во судството најголемиот проблем е корупцијата.
„Ова е всушност истиот проблем како со корупцијата. Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“ вели тој.