Патникот кој отвори врата од авион во воздух рекол – „Морав брзо да излезам“

Патникот кој вчера отворил излез за итни случаи во авион се чувствувал „загушено“ и сакал брзо да излезе, соопшти јужнокорејската полиција.

Авионот на Азијана ерлајнс превезувал речиси 200 патници додека се приближувал кон пистата во петокот, на меѓународниот аеродром Даегу, околу 400 километри југоисточно од Сеул, со домашен лет.

Кога авионот бил на околу 200 метри над земјата, маж за кој полицијата соопшти дека има околу 30-тина години ја отворил излезната врата.

Полицијата во Даегу го привела патникот на сослушување, при што тој им рекол дека е „под стрес бидејќи неодамна ја изгубил работата“, пишува Гардијан.

„Почувствувал дека летот трае подолго отколку што треба и се гушел во кабината“, рекол полицискиот детектив во Даегу, додавајќи дека патникот „сакал брзо да излезе надвор“.

На патникот му се заканува затворска казна до 10 години поради кршење на законите за воздухопловна безбедност.

Видео снимката направена од друг патник покажува како ветерот дува низ отворените врати, додека наслоните на седиштата од ткаенина и косата на патниците диво треперат, а некои од патниците врескаат од изненадување.