Семејството на Коста од Србија: Тој 3 мај завладеа вечна тишина
Семејството на 13-годишниот Коста К., кој го изврши масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград – уби 10 лица и рани петмина, по повеќе од 20 дена по првпат се огласи во јавноста и изрази сочувство.
„Тој 3 мај завладеа вечна тишина во која немо од неизлечивите болка и тага секојдневно лелекаме за секое невино дете кое настрада и за Драган (убиениот чувар), кој ги чуваше децата со толку многу љубов. Длабоко и најискрено жалиме и упатуваме сочувство до секое семејство поради загубата, а секоја од нив е и наша загуба. Вечно во тага“, пишува во соопштението од семејството кое во јавноста го изнесе адвокатската канцеларија која ги застапува.
Нивниот син, Коста К., е ученик во седмо одделение во белградското училиште на Врачар. На 3 мај со оружјето на својот татко уби осум ученици и чуварот Драган, а рани уште шест деца во училиштето. Едно од ранетите девојчиња на 15 мај им подлегна на повредите.