Презентирана апликацијата „Мое здравје“, министерот Меџити најави еден клинички центар

Презентирана апликацијата „Мое здравје“ преку која секој граѓанин ќе има увид во податоците за сопственото здравје. Апликацијата е поврзана со системот „Мој термин“, од каде се преземаат сите податоци. Реализирани прегледи кај матичен лекар, специјалистички, лабораториски, дијагностички и болнички упати, рецепти, примени вакцини.

Според министерот за здравство Фатмир Меџити, таа ќе го трансформира начинот со кој управуваме со нашето здравје.

„Преку `Мое здравје` можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Она што го издвојува „Мое здравје“ е неговата беспрекорна интеграција со системот `Мој термин`, посочи министерот.

Портпаролката на Министерството за здравство, Берна Шерифовска изјави дека апликацијата ветува подобрување во здравството, односно овозможува лесен, брз и ефикасен пристап до медицинската историја на граѓаните.

„`Мое здравје` ги доближува модерната технологија и важноста за точни, ажурирани податоци на врвот на нашите прсти. Покрај неверојатниот потенцијал на апликацијата, важно е да се потенцира дека посебно внимание е посветено и на безбедноста на податоците, затоа што доверливоста и сигурноста на личните податоци се најважни“ – нагласи Шерифовска.

Министерот Меџити очекува од јануари наредната година да функционира еден клинички центар, најверојатно со еден генерален директор, со што би се укинале организациските директори на одделните клиники.

„Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорливата мака што сакам да го решам како кабинет, како Министерство да го решиме, еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно да биде. Информацијата е готова, во договор со ФЗОМ, значи почетокот на годината после новата годна и сите пресметки се прават, тогаш и најверојатно се очекува, значи од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите за тоа ќе се договориме“ – одговори министерот на новинарско прашање.