Новите станови се поскапи за 20% во однос на минатата година

 

И покрај зголемувањето на цените на стамбениот простор, заинтересираноста кај граѓаните е се уште присутна. Новите станови се поскапи за 20% во однос на минатата година. Според градежниците, 20 отсто плус на моменталната цена ке се стави крај на зголемувањето на вредноста на недвижностите до крајот на оваа година.

Од Здружението за градежништво при стопанската комора велат дека од почетокот на оваа неколку годишна криза, луѓето купуваат станови не само за живеење туку како инвестиција. Според градежниците ова дало позитивен резултат, за разлика од други бизниси.

„Поскапувањето на старите станови е последица на тоа што се случува во градежниот сектор во последниве две години. Но, да бидеме објективни, ова е пазарно општество. Во таква состојба, најголем удел за тоа колку ќе чини еден стан е односот на понудата и побарувачката. Сега ги чувствуваме последиците на мораториумите, периодот во кој не се градеше, и граѓаните добија можност да ги понудат и своите станови на продажба по повисока цена, бидејќи нови нема, или нема доволен број на нови станови“, велат од Здружението на градежници.

 

Од градежниот сектор велат дека цените на градежните материјали полека се стабилизираат.

„Сега како здружение очекуваме цената на недвижностите да се стабилизира најдоцна до крајот на годината. Енормна разлика во цената на квадратот во одредени општини а особено во оние кои се атрактивни како што се Општините Центар, Карпош и Аеродром цените да се стабилизираат и да немаат диапазон од 500 евра разлика како што е сега. Сега може да најдете стан во Ценар кој чини 1600 или 1700 евра квадрат, но може да најдете и станови кои денеска се нудат и породаваат по 2500 евра за метар квадратен. Таа голема разлика може да се објасни само доколку станува збор споредба на висок квалитет на градба со нормален квалитет или вообичаен, но тоа во моментот не се случува“, додаваат градежниците.