Синот на Талат Џафери и сопругата на Ислам Абази избрани за обвинители

На денешната седница на Советот на јавни обвинители, Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, е избран за обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар. Сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Абази, Албулена Абази е избрана за обвинител во ОЈО Кичево.

На денешната седница беа избрани вкупно 18 обвинители во 12 обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип, а десет останаа неизбрани. По завршувањето на седницата, претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски изјави дека прво ќе расчистат со Основните обвинителства и да видат колку места ќе се пополнат, во кои обвинителства, а потоа ќе изберат и во Обвинителството за организиран криминал и корупција и Вишото Јавно обвинителство.

– Избрани се 18, десет останаа неизбрани. Дел од нив не се јавија, многу мал дел, поголемиот дел се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. Куманово, кое е на два чекори од Скопје никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува, рече Јолевски.

На прашањето за биографијата на кандидатот Барлет Џафери, за кого ДКСК објави дека положил правосуден испит пред да дипломира, Јолевски рече дека целосната документација што е потребна за кај нив е важечка, а за останатото, според него, требало да се погрижат другите надлежни институции.

-Целосната документација што е потребна за кај нас ја има и е важечка, ние не можеме да се впуштаме во тој дел, не е наша надлежност. Оние институции кои треба да се грижат, би требало да интервенираат доколку сметале дека нешто не е во ред. Министерството за образование, Министерство за правда, кога полагале правосуден испит, ниту еден досега нема поведено постапка, ниту, колку што знам, ДКСК го има затворено предметот како предмет, рече тој.