Итна евакуација на складиштето за нуклеарна муниција Белгород-22, наредено по експлозиите во регионот

По упадот на јуришните формации на вооружените организации против Кремљ, Руската легија на слободата и рускиот волонтерски корпус, руските власти итно иницираа евакуација на складиштето за нуклеарна муниција Белгород-22 во регионот Белгород, кој граничи со Украина.

Ова го изјави портпаролот на Главната управа за разузнавачки работи на украинското Министерство за одбрана (ГУР), Андриј Јусов, кој зборуваше за националната медиумска куќа, а пренесува Укринформ.

– Русите итно го евакуираат и објектот Белгород-22 – складиште за нуклеарна муниција. Се наоѓа недалеку од Грејворон – изјави Јусов.

Според портпаролот на ГУР, меѓу руското раководство се видливи „елементи на паника“ поради ситуацијата што се развива во регионот на Белгород. За тоа особено сведочи евакуацијата на локалното население, пишува „Јутарњи лист“.

– Дел од реакцијата е и евакуацијата на воениот објект Белгород-22. Знаеме дека за евакуација на вакви објекти мора да имаш план, да вклучиш сериозна опрема и одреден број кадри – посочи Јусов.

Претходно, неколку медиуми објавија за експлозиите што наводно одекнале во понеделникот во регионот на Белгород. Подоцна имаше информации за преселување на руски „волонтери“ од Украина на таа руска територија.

Во понеделникот наутро на каналот „Телеграм“ на Легијата на слободата за Русија се појави апел до Русите со порака „Легијата се враќа дома“.