Судски совет одлучи – четворица судии заминуваат во пензија

Судскиот совет на денешната 442 седница утврди престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија на четворица судии.

Станува збор за судиите Аце Бакиевски од Апелацискиот суд Битола, Елези Исмаил од Основен суд Кичево, Зоран Стевановски од Основен суд Прилеп и Александра Зафировска од Основен суд Тетово.

На денешната седница, исто така, беше донесена одлука за определување на в.д претседател на Основен суд Прилеп, при што беше избрана судијката Јасмина Шишковска Стојковиќ.

Усвоен беше и извештајот на Комисија за проверка на навременост на пријави и комплетност на документите на кандидати од спроведена постапка по оглас за избор на претседатели на Основен суд Берово, Основен суд Крушево и Основен суд Прилеп и беше донесена одлука да се објави оглас за избор на претседатели на основните судови Крушево и Берово, за кој избор беше формирана и комисија.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев тврди дека по претставката за корупција против врховен судија и член на Советот е постапено длабински, но истрагата е префрлена на обвинителството.

ТВ Телма веќе двапати објави дека анонимката за корупција на високопозиционирани судии била архивирана затоа што судот сметал дека нема јавен интерес.

Полициски инспектори ги проверувале камерите во судски совет бидејќи член на оваа највисока судска институција се сомневал дека некој му влегува во канцеларијата и му претура по работите. Претседателот на советот потврди дека имало таква полициска акција во судскиот совет во петокот, но засега не се соопштува дали нешто е откриено.

Георгиев одговори и дека претставката против негова колешка е разгледана и во неа имало изнесени сомнежи за корупција односно дека таа со нејзин близок член во комисијата за прием во Академијата за судии и обвинители определувала кои кандидати ќе бидат примени.

За тоа што претставката била архивирана во судскиот совет, а потоа препратена во обвинителство, Георгиев тврди дека е редовна процедура за такви претставки со сериозни наводи за корупција на судии.

Во истата претставка имало пријава и за врховен судија кој е од Штип за земање на мито за да помогне во решавање на граѓански и кривични предмети.

КОД на Телма уште минатата недела објави дека Судскиот совет ја архивирал претставката бидејќи била анонимна и проценил дека не е од јавен интерес.

Но претставката е пратена прво во обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде сметале дека не се надлежни и ја препратиле во скопско обвинителство.