„Во најголемата криза, кога една потрошувачка кошничка не може да се покрие со две минимални плати, и кога половина милион наши сограѓани живеат со под 150 денари на ден, Владата на Ковачевски преку СОЗР троши пари на скапи и луксузни пијалоци и јадења. Во наредниве неколку дена ќе објавуваме документи како власта се луксузира, на сметка на народот. И кога нема пари за болните од цистична фиброза, кога нема за инсулин или за друг вид терапија треба да се сетиме дека Ковачевски преку СОЗР купува скапи и луксузни пијалоци за 2.950.000 денари“ рече денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа презентираше договор склучен на 24.04.2023 година помеѓу СОЗР и три економски оператори со тоа што му се дава можност на СОЗР ако еден економски оператор не може да ја изврши нарачката, институцијата истиот пијалок да го нарача од друг економски оператор, по цените кои што се понудени од секој поединечно.
„Кога ќе ги погледнеме цените по кои владата на Ковачевски преку СОЗР ќе нарачува, може јасно да заклучиме зошто владата нема пари за народот. Функционерите од СДС и ДУИ ќе имаат можност да пијат високо квалитетно вино, означено како Барик вино со контролирано потекло во пакување од 0.75 литри по цена од 2.293 денари. Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42% алкохол кое чини 2.730 денари. А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат Бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42% алкохол кое чини 3.413 денари“ рече Митева.