Српскиот актер Никола Којо ја поддржа иницијативата за прекин на наставата во училиштето во Белград каде беше извршен масакр на 3 мај, кога во ова училиште се случи масовно пукање во кое десет деца загинаа, како и вработен во обезбедувањето. Тој ги замоли родителите да не ги праќаат децата на настава.
– Понизно ги молам родителите на децата од „Рибникар“ да не ги праќаат децата на училиште – вели Којо во својот фејсбук пост.
Којо апелира до родителите да им дадат шанса на своите деца да оздрават, да пораснат и да закрепнат, како и немо да тагуваат за убиените пријатели и другари.
„Само далеку од тоа опседнато место ќе станат здрави луѓе, кои некако ќе се справат со таа трагедија. Училиштето ќе заврши, верувајте ми. Не дозволувајте неразмислените луѓе да ве претворат во Спартанци! Нежните, емотивни, сочувствителни луѓе ќе го спасат ова болно општество и оваа незрела цивилизација. А тоа се твоите деца“ – порача тој.
Голем број од родителите на ученици од училиштето „Владислав Рибникар“ бараат учебната година да заврши заклучно со денот на масовното пукање, 3 мај.