Компанијата ABEE ќе отвори 600 работни места во ТИРЗ Кичево

Компанијата „Avesta Battery and Energy Engineering“ (ABEE) одлучи да инвестира со околу 40 милиони евра во Северна Македонија и да отвори 600 работни места.

Како што јавува државната МИА, компанијата ќе произведува електрични батерии за автомобили и ќе гради фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона во Кичево.

Договорот денеска во Брисел ќе го потпише директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски во присуство на министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши и Деспотовски се дел од делегацијата што во Брисел ја предводи претседателот на државата Стево Пендаровски, кој денеска заедно со нив ќе присуствува на бизнис форум во Антверпен каде пред белгиски компании ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Северна Македонија.

Покрај ова, утре во Брисел ќе се одржи уште еден бизнис форум.