Секоја споредба со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива, реагира бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) на вчерашниот говор на премиерот Димитар Ковачевски пред Советот на Европа во кој рече дека дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина.
Ваквата споредба што ја направи премиерот дојде како одговор на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која се пожали за „систематско газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.
Во реакцијата нагласуваат дека европската перспектива на земјава е определна со строго придржување на европскиот механизам воспоставен во јули 2022 година и порачуваат дека обидите да се оттргне вниманието на јавноста од недостатокот на волја за исполнување на обврските не се продуктивни и се разликуваат од декларираната желба на Скопје за добрососедски односи.
„Посебно вознемирувачки во изјавата на премиерот Ковачевски е сугестијата дека доколку Северна Македонија не ги продолжи преговорите за пристапување во ЕУ тоа ќе има негативно влијание врз Албанија. Бугарија постојано ја поддржува европската интеграција на сите земји од Западен Балкан врз основа на нивните сопствени заслуги. За разлика од Северна Македонија, Албанија целосно ги отвори пристапните преговори и брзината со која ќе напредува зависи исклучиво од нејзиниот напредок во реформскиот процес“, велат од МНР на Бугарија.
На крајот од реакцијата се упатува повик до властите во Скопје да покажат политичка храброст и да ги исполнат обврските што ги презеле пред сите земји-членки на ЕУ за да се заврши фазата на отворање на пристапните преговори.
Одговорноста за европската иднина на Северна Македонија, додаваат, е во нејзини раце.
Прозивки меѓу Скопје-Софија денеска имаше и на релација Радев-Ковачевски. Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Северна Македонија може да каже дека гради модерно општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во Уставот.
Премиерот, пак, му одговори дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав.