Камион со полна брзина удри во училишен автобус во Австралија, повредени се 45 ученици

Во несреќата на југоистокот на Австралија, во која се судриле автобус, во кој имало деца и камион, повредени се 45 основци, од кои 18 се хоспитализирани, јавува радио АБЦ.

Несреќата се случила во вторникот во едно од западните предградија на Мелбурн. Тешко возило со голема брзина налетало во училишен автобус во кој се превезувале основци, по што автобусот излетал од патот и се превртел.

Во несреќата тешко се повредени 18 ученици, а останатите добиле лекарска помош на лице место и се пренесени дома.

„Децата се здобија со сериозни повреди – тешки исекотини, скршеници и набиени екстремитети, девет од нив се хоспитализирани во Мелбурн на итна хируршка интервенција, а уште три деца се здобија со повреди на ‘рбетот и подоцна ќе бидат оперирани“, изјави директорот на Кралската детска болница во Мелбурн, истакнувајќи дека уште шест жртви од несреќата, на возраст од 5 до 11 години, се префрлени во болницата Саншајн, а три се во критична состојба.

Државната полиција соопшти дека возачот на камионот одговорен за несреќата е уапсен на местото на настанот и се очекува да биде обвинет за опасно возење со тешки последици.