Ковачевски и Османи на самитот на Советот на Европа во Рејкјавик

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе учествуваат на четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд.

Во рамки на Самитот, како што најавија од владината прес-служба, Ковачевски и Османи ќе учествуваат на Тркалезна маса на која ќе се разговара за моделите за зачувување и развој на демократијата во време на огромни ризици по истата, на која ќе говорат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, премиерите на Грузија, Норвешка, Италија, како и претседатели и министри за надворешни работи на повеќе земји од Европа.

Утре, премиерот Ковачевски ќе има излагање на Генералната дебата на Советот на Европа, која овој пат е на тема „Обединети за Европа”, а каде се предвидени воедно и воведни обраќања на премиерката на Исланд Јакобсдотир, генералната секретарка на Советот на Европа, Пејчиновиќ-Буриќ како и претседателот на Парламентарно Собрание на Советот на Европа, Тини Кокс.

Како претседавач на ОБСЕ, Османи на дебатата ќе се осврне на потребата од засилена соработка со Советот на Европа во контекст на почитувањето на човековите права и основните слободи, демократијата и владеењето на правото.

Во рамки на самитот, Османи ќе се одржи и состанок на високо ниво меѓу Советот на Европа и ОБСЕ на кој ќе се разговара за досегашната соработка, како и за други областите во кои може двете организации да придонесат со своите капацитети.

За време на престојот во Рејкјавик, планирано е претседателот на Владата да оствари средби и разговори со повеќе европски лидери.

Во состав на делегацијата што ја предводи премиерот Ковачевски е и Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања.