Шолц го увери Зеленски дека ќе има германска поддршка колку што е потребно

Германскиот канцелар Олаф Шолц го уверил украинскиот претседател Володимир Зеленски за поддршката на Германија во борбата против руската инвазија врз Украина.

„Ќе ве поддржуваме сè додека е потребно. Оваа солидарност е трајна и е силна“, рече Шолц на средбата со Зеленски во неговиот кабинет во Берлин.

Шолц рече дека Германија ќе продолжи да и помага на Украина на хуманитарен, политички и финансиски план, но и со оружје.

Тој укажа и на новиот пакет воена помош во вредност од 2,7 милијарди евра, што германската влада го потврди вчера.

Шолц уште еднаш ја осуди руската инвазија на Украина и го изрази своето восхитување за херојскиот отпор што Украинците му го нудат на рускиот агресор.

Зеленски, кој претходно се сретна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, се заблагодари за германската поддршка.

„Новиот пакет воена помош претставува многу важна и силна поддршка. Украинскиот народ секогаш ќе биде благодарен за поддршката на Германија“ – рече Зеленски на заедничката прес-конференција во кабинетот на канцеларот.