Србија нема да испрати ниту еден од своите највисоки претставници на самитот на Советот на Европа во Рејкјавик кој ќе се одржи на 16-17 мај и нема да гласа за никаква резолуција за територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува ТАСС.
„Република Србија ќе биде претставена на најниско ниво. Нема да одам во Рејкјавик и нема да гласаме за нивната резолуција [за територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија]. Ќе се воздржиме. Тоа нема да го спречи нејзиното усвојување, но ќе мора да кажат дека не е усвоена едногласно“, рече Вучиќ во обраќањето до нацијата.
Вучиќ очекува негативна реакција од Западот во врска со овој потег, но истакна дека е подготвен да се соочи со тоа бидејќи Србија ќе ја изрази својата „принципиелна позиција“ поврзана со Повелбата на ОН.
„Подготвени сме да го поддржиме територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија, но не сме подготвени да се откажеме од територијалниот интегритет на Србија“, изјави Вучиќ.
Србија претходно предложи амандман на резолуцијата на Советот на Европа за територијалниот интегритет на Украина, Грузија и Молдавија.
„Знаете дека поднесовме амандман во кој побаравме по делот „кога се зборува за територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија“ да се напише и „како и сите други членки на Советот на Европа“, за да им олесниме, дури и да не ја спомнуваме Република Србија директно, само да го додадеме тоа. И тогаш сфативме, особено на инсистирање на Германија, дека територијалниот интегритет постои за оние чиј територијален интегритет е признаен од нив, а не од ОН. Така што нивната желба ќе биде да го заштитат територијалниот интегритет онаму каде што ним им одговара,“ објасни Вучиќ.