Канческа – Милеска ослободена од обвинение за „Тендери“

Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милеска е ослободена од обвинение за предметот познат во јавноста како „Тендери“, бидејќи, според Судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото.

Во овој предмет таа беше обвинета од поранешното Специјално обвинителство за злоупотреба на функцијата при изградбата на Скопје 2014.

Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип, а Канческа – Милевска наложила Бетон да продолжи со работата на партерното уредување пред да се објави тендерот.

За истото дело беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на комисијата за јавни набавки, кои заедно со поранешната министерка беа ослободени од обвинението.

Канческа Милевска на рочиштето на изнесувањето на завршните зборови изјави дека врз основа на целокупниот доказен материјал се докажало дека не го сторила кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

„Не се докажа дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување, напротив, се докажа дека јавната набавка е однапред планирана и истата е предвидена во годишниот план за јавни набавки за 2011 година во Министерството за култура“, рече Канческа Милевска.

Процесот го водеше судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Стевчо Дончев кој најави жалба до Апелација. Овој предмет е во судска процедура речиси шест години, и неколку пати до сега почнуваше од почеток.