Мостот кај „Ист гејт“ целосно затворен за сообраќај

Мостот „Беласица“, кој ги поврзува Железничката станица и Трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, а кој синоќа беше опожарен, ќе биде целосно затворен за сообраќај додека не се утврди колкава е нанесената штета и дали е безбеден за поминување, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Мостот од утринава беше затворен за автомобили, а отсега ќе биде затворен и за пешаци и велосипедисти. Ангелов информира дека се забранува и движење под мостот, односно по кејот на реката Вардар на потегот под мостот поради опасност од паѓање делови од заштитната бетонска облога со која е обложен долниот дел на мостот, а која е испукана поради пожарот.

„Подобро мостот да биде затворен и да заштедиме некој човечки живот, отколку тој да падне додека по него се движат луѓе. Безбедноста на граѓаните е на прво место. Доколку Градот Скопје добие информации од стручните служби и институции оти мостот е безбеден за пешаци, тој би бил отворен веднаш откако би била добиена таква информација. Штетата дополнително ќе биде утврдена, но верувам дека мостот ќе биде отворен дури по неговата санација доколку таа е можна“ – изјави директорот на ЦУК на денешната прес-конференција.