Биелса – нов селектор на Уругвај

Марсело Биелса ќе биде нов селектор на Уругвај, потврдиле од националната фудбалска асоцијација (АУФ).

Сето ова се насетуваше уште пред неколку месеци, но се чекаа преговорите. Вчера, членот на извршниот комитет на АУФ, Хорхе Касалес, изјавил за „Асошиејтед прес“ дека 67-годишниот Аргентинец прифатил и останува само да потпишат договор.

„Единственото нешто што недостига е потписот. Носиме некој за кого знаеме дека ќе ни остави наследство што ќе трае подолго од 90-те минути на еден натпревар“, вели Касалес.

Биелса има долгогодишно искуство како селектор и тоа токму на репрезентации од Јужна Америка.

Од 1998 до 2004 беше предводник на родната Аргентина, со која освои златен медал на ОИ во Атина, па потоа ја напушти од лични причини. Од 2007 до 2011 го водеше Чиле, а Уругвај ќе му биде трета селекција.