Ковачевски: Предвремени избори нема да има, уставните измени ќе бидат донесени

Во вечерашното гостување на премиерот Димитар Ковачевски во „Само вистина“ на Канал 5 ТВ кажа дека лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски го интересирало само блокада, а не дебата.

-Јас не гледам зошто би одговорил на тоа барање бидејќи Мицкоски воопшто не бара дебата, ќе ви кажам зошто. Прво, еве за најновата тема која што е отворена кај нас а тоа е договорот за изградбата на коридор 10д и 8, договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ бараа дебата во собранието, го испративме договорот во Собранието, две недели не сакаат да закажат комисија. Потоа бараа дебата за уставните измени, не прифатија да бидат дел од комисијата за уставни измени каде што се води дебатата. Потоа имаме тимови за преговори со ЕУ, каде што од прв ден ги поканивме опозицијата, не учествуваат каде што исто така е место за дебата. Потоа имавме почеток на преговори со ЕУ каде што во преговорите исто така одбија каде што исто така можеа да ги кажат своите ставови, изјави Ковачевски.

„Единствено нешто кое што го интересира претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, не можам да кажам за целата партија, е блокирање на сите процеси во државата. Во моментов ние имаме во собранието блокирани половина милијарда евра пари за граѓаните. Финансиски средства од ЕИБ, финансиски средства од ЕБОР со исклучително поволни камати. Закони за солидарност. Еве јас јавно кажувам, нека ги откочи тие закони во собранието. Има време за ТВ Дуел, кога ќе дојде време за тоа ќе имаме“, додаде премиерот одговарајќи на новинарско прашање.