Во среда ќе се одлучува за минималната плата – ако нема зголемување, следува штрајк!
За во среда е закажан економско-социјалниот совет на кој ќе се одлучува за барањата на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останти плати и за враќање на правото за регрес на годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски денеска во изјава за медиумите порача дека доколку во среда не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат штрајк, а не се исклучени и други можности како протест, блокирање на улици…
„Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза, рече Димовски.
По тоа прашање, премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе има зголемување на минималната плата, но оти тоа треба да се направи низ економско-социјален дијалог со сите засегнати страни и во консултација и со синдикатите и работодавачите.
„Веќе денеска на оваа тема има средби на претставници на Министерството за труд и социјална политика и други ресорни министерства заедно со вицеоремиерот за економски прашања со претставници на синдикатите. Тоа е прашање кое се решава низ економско-социјалниот дијалог. Минималната плата и нејзиното покакување од првичните 9000 денари колку што беше претходно, на 15 илјади денари колку што е сега, беше направено од СДСМ и Владата предводена од СДСМ. Така што и заложбата за зголемување на минималната плата на повисоко ниво е исто така заложба на оваа Влада“ – изјави Ковачевски.
Според премиерот, како и при првичното покачување, така и сега треба да се имаат предвид и ставовите и импутите и на синдикатите, но и работодавачите и на стопанските комори.