Во Црна Гора денеска е Ден на жалост поради трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград и масовното убиство во селата околу Младеновац и Смедерево.
Одлуката за прогласување Ден на жалост ја донесе Владата на Црна Гора.
Според оваа одлука знамињата се спуштени на половина копје на сите објекти на органите на државната и локалната самоуправа и јавните институции.
Јавни, културни и забавни програми денеска нема да се одржуваат на јавни места, а музика нема да се емитува во угостителските објекти.
Електронските и другите медиуми се должни својата програмска содржина да ја прилагодат на одбележувањето на Денот на жалост.
Во средата во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград загинаа осум ученици и еден чувар, а ранети се шест деца и еден наставник.
Момчето, ученик во тоа училиште, кое пукало е уапсено и префрлено на невропсихијатрија.
Неполни 36 часа по трагедијата во училиштето во Врачар, во Србија се случи ново масовно убиство кога вооружен млад човек уби осум и рани 14 лица во селата кај Смедерево и Младеновац.