ДУИ спремна да зборува за една изборна единица

Конечно, ДУИ се изјасни дека е подготвена да разговара и да го прифати моделот со една изборна единица, откако подолго време оваа партија заговараше да остане сегашниот модел и беше главен противник на промената на изборниот модел. Од партијата велат дека сами ќе го дадат овој предлог во работната група за измени во изборниот законик, објави Алсат.

„Можеме да зборуваме за една изборна единица, но со компромис, се разбира, логично е да има и изборен праг од 5% и отворени листи за пратеници. Сметаме дека со ова придонесуваме за зголемување и подобрување на квалитетот на застапеноста во Собранието, но придонесуваме и за обезбедување политичка стабилност во Собранието. Ова ќе го предложиме на работната група. ДУИ ќе го предложи ова за расправа“, рече Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ.

Потпретседателот на ДУИ, Адеми, вели дека измените мора да бидат одобрени со консензус. За сите измени за кои ќе има договор, Адеми вели дека мора да се спроведат навремено, во согласност со препораките на ОДИХР.