Министерството за образование и наука (МОН) почна консултации со повеќе академски професори и експерти за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничко насилство. Ќе се рзгледува и промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување, за работа со нивните семејства и слично.
„На моја иницијатива денеска имавме дискусија со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел да дискутираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор“, изјави по средбата на министерот за образование Јетон Шаќири.
Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство ќе биде инклузивен и во него ќе се вклучат повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство, информираат од МОН.