„Опцијата за водење на Македонија во иднина е ВМРО-ДПМНЕ. Нормално дека оваа реалност политичка која што е сега во државата не очекувам уште долго време да биде ваква каква што е. Нормално тоа зависи и од нас, како ние во периодот што следи ќе се поставиме“. Ова денеска на трибина го изјави лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ изминатиов период поддржа жена за претседател, за жал не успеавме во таа намера, поради инженерингот кој што се случи на тие избори, но можам да кажам дека од тие избори започна сериозна реформа во партијата и поинаков пристап во водењето на политики. Тогаш почитуваната проф. д-р. Гордана Силјановска Давкова се нафати на тој предизвик. Позади нејзе застанавте вие, застана партијата“ – рече Мицкоски.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ поддржа и жена кандидат за градоначалник на град Скопје. Арсовска успеа и победи на локалните избори, и сега главниот град има жена градоначалник.
Мицкоски рече дека денес во Македонија има корумпирани политичари кои што поддржуваа политичари кои што за жал ја заробија државата.
„За суштинските прашања кои што денеска се главен предизвик за Македонија и за граѓаните во Македонија без разлика на нивната етничка припадност главните би рекол промотори или главните експоненти на власта се претставниците на ДУИ. Кога станува збор за економијата, кога станува збор за енергетиката кои што се главен предизвик тука се Крешник или Фатмир. Кога станува збор за национални теми, кога станува збор за евроинтегративниот процес тука се Али, Артан и Бујар. Но, кога станува збор за притисок и мобинг врз ВМРО-ДПМНЕ, врз македонскиот народ тука се Оливер, Вилма, Љупчо и останатите. Од прилика таа е реалноста во која што ние живееме“, појасни Мицкоски.