Маж на 78-годишна возраст починал по пад од висина од Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ лоцирана во скопско Ѓорче Петров.
Смртта на мажот, кој инаку бил пациент во болницата, била констатирана од екипи на Итната медицинска помош.
Случајот бил пријавен во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје вчера во 18:15 часот.
„Во Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина ’13 Ноември’ – Скопје, на подрачје на Ѓорче Петров, нивниот пациент М.С. (78) од с.Иванковци, велешко, паднал од висина. Од лекар од итна медицинска помош е констатирана смрт“, велат од МВР.
По наредба на јавен обвинител, телото на 78-годишникот е дадено на обдукција.