Блокадата на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Собранието ќе ја чинат државата над 150 милиони евра и две години изгубено време. На ниту еден начин не можат да ја спречат реализацијата на проектот – можат само да го поскапат и да го одложат завршувањето на автопатите. Затоа, побарајте од пратениците да одлучат автопатите да се градат побрзо и поевтино, а не побавно и поскапо.
Вака првиот вицепремиер Артан Груби во објава на Фејсбук реагира на ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која денеска соопшти оти по преземањето на власта, една од опциите кои може да ги преземе за надомест на последиците, односно пеналите кои земјава треба да ги плаќа поради непроменетите закони поврзани со изградба на коридорите 8 и 10-д, е да го раскине договорот за нивна изградба.
„Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ по вака потпишан договор има две опции:
Првата, е да се раскине договорот, пред судот во Париз да се изгуби по прифатените закони на Англија и Велс. Тоа ќе чини стотици милиони евра штета, но без квадрат поставен асфалт!;
Втората, да се зачува суверенитетот, да се зачува Уставот и законите и автопатот да се заврши во рамки на македонските закони и македонските процедури! Така би се продолжило времето на изградба, но и сумата, заради катастрофалниот договор и обврските преземени од крими владата на ДУИ и помалиот партнер СДС.
ВМРО-ДПМНЕ има план како сето тоа да го надомести“, истакна денес на прес – конференција потпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Наум Стоилковски.
На ова, првиот вицепремиер реагира оти единствената цел на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е да дојде на власт, а оти ниту сака, ниту може, ниту, како што вели, ќе се обиде да промени нешто.
„ВМРО: Охридскиот договор со Албанците е штетен за државата, ќе го промениме;
ВМРО: Договорот од Преспа со Грција е штетен за државата, ќе го промениме;
ВМРО: Договорот за добрососедство со Бугарија е штетен за државата, ќе го промениме;
ВМРО: Договорот за коридорите 8 и 10-Д е штетен за државата, ќе го промениме.
Ништо не сменија во овие 33 години, не донесоа ниту една добра одлука за државата, напротив – фрлија една милијарда евра во луда антиквизација и стиропор за ‘Скопје 2014’, го донесоа Субрата Рој, еден милион пати нè прислушуваа, нè апсеа, нè обвинуваа и судеа самите, ни ја донесоа констатацијата заробена држава, ни ги уништија односите со САД и ЕУ, 11 години нè држеа далеку од НАТО и ни ги донесоа Кина и Русија“, – пишува Груби на фејсбук.
Разликата е, вели Груби, стиропор или автопат, САД и ЕУ или Кина и Русија.