Синдикатите во понеделник излегуваат на улица

„Работниците се државата“ – ова е паролата со која Сојузот на синдикати на Македонија најави голем првомајски марш в понеделник.

Ги повикаа сите останати синдикати, но и граѓани, работници, па и пензионери да го кренат гласот и да се приклучат на маршот.

„Упатуваме апел до работниците да не празнуваат! Први мај не е ден кој се празнува, туку е денот кога пред 137 години работниците излегле на протест во Чикаго за да добијат 8 часовен работен ден. Тоа е под напад од страна на оваа влада и пратениците во собранието и треба да не обедини сите заедно. Ако не се доволни причини работниците да излезат кога функционерите добиваат 78% покачени плати, укинување на недела неработен ден и воведување 60 часовна работна недела, тогаш што е?“ – велат од ССМ

Ќе протестираат и од Конфедерација на слободни синдикати.

„Лани при покачувањето на минималната плата, на нашите протести излегоа министрите и кажаа да почекаме до септември за да се усогласат платите затоа што имало рок од 6 месеци. Наеднаш во септември прогласија дека тие одредби од законот не важат, но важат нивните одредби за 78% покачување на нивните плати што не е фер. Затоа нашето мото е На скара пред влада, ќебапче за работникот затоа што само толку ни остана од нашите плати за први мај, а бифтек за власта. Протестираме и против кршењето на законите и колективните договори.“ – велат од КСС

ССМ ќе маршира од 12 часот во понеделник, КСС ќе почне во 10.00.

И едните и друготе повикуваат на сплотеност.