Милошоски: Со овој парламентарен состав нема да се случат уставни промени

„Најспорна во договорот со `Бехтел и Енка` е тајноста, Владата се уште го крие договорот, се поставува прашањето што има да се крие. Во него има неколку штетни клаузули. Во рок од една година ќе треба да се исплатат 53 милиони евра доколку не биде сменет законот за работни односи, од 40-часовна на 60-часовна работна недела, а Владата знаела дека Уставниот суд укинал таква одредба. Ваквите клаузули оставаат впечаток дека во Владата некои луѓе имаат лукративни интереси, има индиции за поголем криминал и корупција“ вели Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во најновото издание на Трилинг.

Милошоски смета дека „овој договор не е безбедносно прашање. Ако нешто се стави дека е државна тајна, треба да има причина зошто е така наведено. Мислам дека треба овој договор да им биде прикажан на сите пратеници. Нетранспарентност на овој договор е едниот факт, а фирмата за надзор е индикатор. Контроверзниот избор за надзор остава силни индиции дека надзорот ќе биде верификатор на зголемувањето на износите кои ќе треба да им се плаќаат на изведувачите и подизведувачите“.

За евентуална политичка владина коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Милошоски смета дека „не би ги одбрале ДУИ за коалиционен партнер. 20 години ДУИ е синоним за дијагнозата наречена корупција“.

По пораките на американската амбасадорка во врска со ниската доверба во правосудството, тој вели дека „има некомпетентни кадри. Во судството има и квалитетни судии, но има и други кои се полежерни. Кај Судскиот совет проблемот е што довчерашен стручен советник денес треба да ги оценува судиите во Апелација исто како медицински техничар да ги оценува операциите кои ги извршува еден хирург. Весна Дамева беше избрана само заради тоа што беше член на партиската правна комисија на СДСМ. Девалвирана е институцијата републички Судски совет“.

За уставните промени, и дали Владата може да ги објави сите кои имаат бугарско државјанство во Собранието, Милошоски вели:

„Оваа тема може да ја користат како спин, сметаме дека ќе се создадат поголеми турбуленции на политичката сцена. Владата со прифаќањето на Францускиот предлог патот кон ЕУ го направи потежок. Ние упативме прашање до Владата – дали за вметнувањето на Бугарите во Уставот е последното вето, се уште нема одговор, затоа дилемата е голема и важна“.

„Овој собраниски состав нема мандат да го менува Уставот. Ако има избори, граѓаните ќе се изјаснат и ќе го видиме расположението. Во овој парламентарен состав нема да се случат уставни промени. Не сакаме да ги изневериме граѓаните за нешто што не сме добиле легитимитет“ вели Милошоски.