Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека „Коридорите 8 и 10Д ги имаме во програма и сме за нивна изградба, но сме против да потпишете договор кој ќе опфати пенали од над 200 милиони евра и работна недела од 60 часа, спротивно на одлука на Уставен суд“.
„Со измените на Законот за градење, Владата сака да го почне овој, како што велат тие, историски проект за изградба на коридорите 8 и 10-д без претходно да добие дозвола за градење, односно без основен проект кој би бил ревидиран и придружен со сите одобренија согласно законот. Измените кои се доставени во парламентот бараат да го отпочнат овој проект без одобрение за градба, додека вие и ние сите за да почнеме нешто да градиме, треба да извадиме одобрение за градба. Еве, нека ме демантираат ако не е така. Значи, таму имаме граѓани од прв ред, граѓани од втор ред, празни места, па сите ние. Ете така отприлика функционира оваа влада на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ“ рече денеска Мицкоски.
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ го демантираат Мицкоски дека дал поддршка за специјалниот закон со кој на „Бехтел и Енка“ им се даде ексклузивно право без тендер да ги градат четирите автопати од Коридорите 8 и 10д.
Првиот вицепремиер Артан Груби вчера во интервју за „Инфомакс“ рече дека власта имала бланко поддршка од претседателот на опозициската партија за озаконувањето на соработката со американско-турскиот конзорциум.
„Факт е дека Груби и Ковачевски се во специфична состојба, бидејќи секој ден излегуваат детали од штетниот договор за државата и граѓаните, кој го прифатиле и потпишале, а за кој постои основано сомневање дека е историски криминален. Оттука, тие сега се трудат да ги растурат пердувите и со невистини да ги инволвираат сите кои жестоко се борат против и го разобличуваат тој криминал. Тоа што до вчера го прикажуваа како историски процес, сега стана историски криминал. И ние лагите на Груби и Ковачевски нема да ги коментираме, туку ќе се бориме против нивниот криминал за што ќе има и одговорност многу брзо“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.