Договорот со „Бехтел-Енка“ се уште e недостапен за пратениците

Договорот со „Бехтел-Енка“ се уште e недостапен за пратениците кои побараа увид во документот кој владата.

Поминаа 4 дена откако владата соопшти дека договорот, во соодветна собраниска процедура, ќе биде презентиран во парламентот, но засега не е јасно кога тоа ќе се случи.

Претседателката на комисијата Билјана Ивановска во интервју вели дека им се потребни сите детали за да можат темелно да проверат дали во нив има нешто спорно, а иако се работи за доверлив материјал, членовите на ДКСК имаат безбедносни сертификати и имаат право да го добијат.

Пратениците од опозицијата, кои имаат безбедносен сертификат, иницираа договорот да им биде даден на увид за да знаат како да гласаат за измените на 8 закони кои се поврзани со изведбата на целиот проект од 4 автопатски делници долги 110 километри.

„За сите прашања поврзани со оваа тема веќе имаше два брифинга, а ќе се организира и трет ако имате дополнителни прашања. Тоа е одговорот“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Владата денеска мора да објасни зошто се обврзала на пенали од 53 милиони евра за овој месец и вкупно 196 милиони евра за пенали само по основ промена на законот и воведување 60 часа работна недела. Владата денеска мора да објави кога и кој ден ќе ги исплати 53 милиони евра дополнителни пенали или трошоци, затоа што не го исполни условот, промена на законот за 60 часа работна недела?“, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Одговорот на мнозинството е дека опозицијата работи по, како што велат проруски насоки, и дека намерно сака да го блокира проектот.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски под заложништво на проруската Левица водат хајка против стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10д и против реномирана американска компанија.
Изградбата на коридорите 8 и 10Д е најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, вреден 1,3 милијарди евра. 600 милиони евра од овие пари ќе завршат кај наши домашни компании“, вели Миле Талевски од СДСМ.