Лидерот на македонската партија во Албанија: Ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот

Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски учествуваше на чествувањето за Јане Сандански.

– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Чест и задоволство ми е што сум повторно со вас на денешното традиционално семакедонското одбележување на 108-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански, рече Стерјовски.

Ви носам, додаде, најсрдечни поздрави и поддршка од Македонците во Албанија за „вашата борба за национални и човекови права”.

-Вам од се срце ви се поклонувам што сте вистински Македонци, што се борите за вашите човекови права во Бугарија, што организирате вакви настани за да ја негувате и сочувате македонштината и за да не ги заборавиме синовите што се бореле и гинеле за Македонија, нагласи тој.

Додаде дека Јане Сандански, со „своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците”. Тој бил чувар на Гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој.

Според него, девизата на пиринскиот цар „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство” останува како порака за сите нас.

Неговата револуционерна борба за ослободување на Македонија, посочи Стерјовски, и неговата вера во слободата и правдата не поттикнува да продолжиме со нашата борба за слобода и национални права во државите каде што живееме.

– Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства, порача Стерјовски.