„Луфтханза“ влегува на македонскиот пазар, нова авиолинија Скопје – Франкфурт

Со слетување на првиот авион на „Луфтханза“ на скопскиот аеродром, денеска ќе биде означен стартот на новата авиолинија Франкфурт-Скопје и влезот на германската авиокомпанија на македонскиот пазар.

На Меѓународниот aеродром Скопје, првиот авион од Франкфурт ќе го пречекаат министерот за транспорт и врски Благој Боварски, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак и регионалниот директор на групацијата „Луфтханза“ Петер Пулем.

Новата авиолинија – од Скопје до Франкфурт се реализира со субвенции од Владата. „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април, десет пати неделно.

Преку Франкфурт, патниците од земјава ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе држави во Европа и светот.

„Луфтханза“ на својата веб страница веќе ја нуди новата авиолинија до Скопје како можност за евтино, опуштено и брзо патување до Северна Македонија.

– Посетете ја Северна Македонија, запознајте ја земјата и нејзините луѓе и посетете ги знаменитостите. Кога ќе слетате во Скопје, можете да уживате во земјата и нејзините луѓе чувствувајќи се целосно одморени. Без разлика дали станува збор за деловен состанок во Скопје или за најдобрата дестинација за одмор во Република Северна Македонија, лет резервиран на Луфтханза секогаш ви гарантира удобно и безбедно патување од Германија до посакуваната дестинација, пишува меѓу другото на веб страницата на германскиот авиопревозник.

Покрај „Луфтханза“, договорени се и четири нови дестинации со унгарски „Виз Ер“, од Скопје до Луксембург, Штутград, Салцубург и до Љубљана. „Виз Ер“ ќе ги опслужува четирите нови дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава.

Финансиската поддршка за новите летови изнесува седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

„Луфтханза“ и „Виз Ер“ за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка ќе имаат обврска и по завршување на субвенциите да продолжат да ја оперираат линијата за период за кој добивале субвенциите. Во спротивно, ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка. Ако компанијата добивала субвенции во рок од три години, ќе мора и по истекот на тие три години да ја оперира таа линија без државата да и плаќа на компанијата.