Макрон ја има најслабата поддршка од изборите во 2017 година

Францускиот претседател Емануел Макрон го поддржуваат само 26 отсто од граѓаните, што е негов најнизок рејтинг од 2017 година, кога првпат беше избран за шеф на државата, покажуваат резултатите од анкетата на БВА, спроведена за ТВ РТЛ, објавени во саботата.

Во земја каде најавената реформа на пензискиот систем наиде на голем отпор и протести во јавноста, 32 отсто од испитаниците имаат „претежно лошо“ мислење за претседателот, а 41 отсто имаат „многу лошо“, додека 27 отсто од Французите имаат добро мислење за премиерката Елизабет Борн, пренесува Танјуг.

Само 26 отсто од граѓаните имаат добро мислење за Макрон, што е ист процент како и за време на кризата поради протестите на „жолтите елеци“ во октомври 2018 година.

Сепак, електоратот на Макрон сè уште му е лојален: 70 отсто од неговите гласачи имаат добра слика за него, според RTL.

Според анкетата, 63 отсто од Французите сакаат да продолжат јавните акции околу пензиската реформа, која предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Во април 2022 година, кога тој беше реизбран за шеф на државата, 46 отсто од Французите имаа „добро мислење“ за Макрон.

Една година подоцна, 60 отсто од граѓаните сметаат дека тој има „длабоки убедувања“, а 43 отсто дека е способен да носи одлуки.

Но, само 13 отсто го сметаат за политичар кој е способен да постигне единство за едно прашање, додека во април минатата година така мислеле 28 отсто од испитаниците.