Скопската градоначалничка Данела Арсовска синоќа на Фејсбук профилот напиша дека ќе предложи Советот на Град Скопје да донесе одлука, улица да биде именувана според легандарниот пејач Александар Аки Рахимовски, фронтменот на групата „Парни Ваљак“, кој почина на 22. јануари.
„Како градоначалник на Град Скопје, денес иницирав со одлука на Град Скопје една улица во централното градско подрачје да го носи името на Александар Аки Рахимовски“ – напиша Арсовска на ФБ.
Инаку, Рахимовски вчера беше погребан во Алејата на великаните на гробиштата „Мирогој“ во Загреб. Ковчегот беше прекриен со македонското знаме.
Рахимовски е роден во Ниш, пораснал во Скопје, а до вечното почивалиште беше испратен со македонската народна песна „Зошто си ме мајко родила“.