Одлуката за уставните измени се однесува на европската иднина на државата и таа ни е потребна, како и сите други одлуки коишто ќе следуваат во следниот период на патот до полноправно членство на државата во ЕУ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање посветено на процесот на промена на Уставот на денешната прес-конференција во Владата.
– Процесот ќе започне. Веќе се објавени имињата на експертите од политичките партии. Во текот на наредните денови сигурно министерот за правда ќе ги објави и експертите коишто доаѓаат од стручната фела и од практиката во делот на уставното право и сродните права и со тоа процесот ќе започне со практично изготвување на предлог амандманите коишто треба да се најдат во Собранието, каде што подоцна продолжува на Уставна комисија и со пленарните сесии во Собранието, согласно Законот и со Уставот, нагласи Ковачевски, додавајќи дека во Собранието има 120 пратеници коишто можат полноправно да одлучуваат во однос на точките коишто се во нивна надлежност.
Тој потенцира дека членството во ЕУ е стратешка цел на државата и сите истражувања покажуваат дека доминантниот број на граѓаните сакаат членство на земјата во Унијата, бидејќи друга алтернатива не постои.
Оние коишто се против членството во ЕУ, не нудат друга алтернатива. И затоа сметам дека пратениците имаат и капацитет, и демократски, и стратешки, и визионерски, да донесат одлука, една од низата по одлуките, за зачленување на нашата држава во ЕУ, бидејќи тоа е процес за граѓаните. Мора да знаеме зачленувањето во ЕУ не е процес на еден човек, не е процес на една политичка партија, ниту е процес на една Влада. Тоа е процес на целото општество, додаде Ковачевски.
Осврнувајќи се на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека за нив уставните измени „се завршена работа“, премиерот истакна дека за оваа партија „завршена работа“ беше и зачленувањето во НАТО, па земјата стана членка на Алијансата.
– За нив завршена работа беше и францускиот предлог, организираа демонстрации пред Владата, па Собранието изгласа заклучоци со коишто ние ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Ние ги повикавме како опозиција да учествуваат во делот на работните групи уште од првиот ден во скрининг процесот, но не сакаа да учествуваат. Гледате дека според извештаите од Брисел, нашиот скрининг процес тече и се одвива во најдобар ред, додаде Ковачевски.
Премиерот потенцира дека уште од првиот ден на стартот преговорите со ЕУ, Владата најави дека сите одлуки коишто ќе се носат ќе бидат споделувани и објаснувани во Националниот совет за европски интеграции со којшто раководи пратеник од опозицијата, со цел сите да можат да бидат вклучени во процесот.
Токму затоа, според него, и постојат работните групи за да можат да се разгледаат сите предлози од политичките партии во однос на општествените, политичките и историските услови во нашата држава.
– И затоа се прават експертски групи коишто имаат и политички претставници со цел да се дојде до решение коешто ќе одговара на она што е македонски модел, со којшто македонски модел ние ќе станеме земја членка на ЕУ, нагласи Ковачевски.
Тој додаде дека не случајно, заедно со вицепремиерот за европски интеграции Бојан Маричиќ, уште од првиот ден се залагале опозицијата да биде вклучена преку свои експерти во работните групи затоа што евроинтеграциите ќе бидат долг процес.
– Тој процес ќе трае до 2030 година кога ќе станеме земја членка на ЕУ. Ние до сега сме имале пречки. Ако некоја држава имала тежок пат кон зачленувањето во НАТО и во ЕУ, тоа тогаш била нашата држава. Вие се сеќавате какви се одлуки и компромиси требаше да правиме за да дојдеме до членство во НАТО и да отпочнеме преговори со ЕУ. Ова е за првпат сега пречката да не доаѓа од надвор, туку пречката да биде од внатре во делот на придвижувањето на преговорите со ЕУ, додаде Ковачевски.
Премиерот потенцира дека и не би сакал да размислувам за сценарио во коешто ние нема да го продолжуваме патот кон ЕУ, односно отворање на кластерите во преговорите за членство, а Албанија, Црна Гора и Србија да ги отвораат кластерите и да се придржуваат кон ЕУ.
– И затоа сметам дека нашата дражва низ историја покажала дека има капацитет за носење на одлуки коишто значат подобра иднина за граѓаните. Ова е тоа што граѓаните го сакаат и исто така би порачал дека сите политички партии ја имаат таа одговорност, без разлика каква е нивната идеологија, без разлика дали се на власт или во опозиција со оглед на тоа дека оваа одлука за граѓаните, а она што претстои пред сите нас без разлика пак на политичка или било која друга определба е многу работа со цел да бидат исполнети критериумите на ЕУ до полноправно зачленување, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека секој граѓанин секојдневно може да ја види потреба за зачленување во ЕУ, која е особено видлива во делот на висината на платите во земјите членки на Унијата, по нивниот прием во членство.
– Гледате дека во моментов една од главните теми е колку потреба за работници има Хрватска и кое е нивото на плати кое што го нуди Хрватска. Меѓутоа ако го погледнете нивото на плати во Хрватска кога не била членка на ЕУ и ако го споредите со нивото на плати коешто го има како членка на ЕУ, тогаш ќе видите дека практично тоа е заради членството во ЕУ, истакна Ковачевски.