(Видео) Урошевиќ: Во Бугарија постојат интелектуалци кои сфаќаат дека македонскиот и бугарскиот јазик се блиски, но не се исти

„Мораме да ги насочиме напорите што побрзо да влеземе во ЕУ. Ако го одолговлекуваме тоа, мислам дека навлегуваме во низа нови опасности“ вели академик Влада Урошевиќ гостин во најновото издание на Трилинг.

Тој смета дека „за жал, мора да направиме големи отстапки, таа Европа е на извесен начин неправедна кон нас, сигурно е дека овие претензии на Бугарија се незаситни, сигурно ќе имаме уште мака со нив, но изгледа мора да се поднесат некои жртви за да се оди понатаму. Никој не се веселеше што станавме Северна Македонија, но се покажа сепак дека тоа не е толку трагично како некои сакаа тоа да го претстават“.

На прашање зошто македонскиот јазик е спорен за соседите, иако има многу преведени дела од македонски јазик кај нив, тој вели:

„Во Бугарија постојат интелектуалци кои сфаќаат дека македонскиот и бугарскиот јазик се блиски, но не се исти. Таму постои значаен притисок да се докажат тие нивни националистички идеи“.

„Нашите јазици се блиски, нормално е да имаат извесни сличности, но потполната идентификација е апсолутно невозможна. Во Бугарија има значаен број интелектуалци кои тоа го разбираат“ вели тој.

Урошевиќ за улогата на МАНУ, во решавањето на прашањето со Бугарија вели:

„Академијата не треба да стане политички дебатен клуб. Има многу други сериозни задачи, на план на наука и уметност. Но во јавност обично доаѓаат оние делови од нашите дискусии за политиката. Јас сум за деполитизација на Академијата. Бесмислено е силите на Академијата да се трошат на политички борби“.

„Политиката не ги уважува доволно предлозите на МАНУ, предлозите наши се примаат со неводење сметка. МАНУ има сили кои можат да помогнат на некои актуелни проблеми, но можеби не наоѓаат тие предлзи на доволно поволен оддек во јавноста“ тврди академикот.

Во продолжение, погледнете го гостувањето на академик Урошевиќ во Трилинг: