Бислимоски: Да се купува струја кога е евтина, а јагленот да се чува за зима
Фотоволтаиците ја менуваат цената на електричната енергија, која повеќе не е најскапа во текот на денот, туку варира и токму ова треба да го искористат ЕСМ и ЕВН хоум, доколку има потреба, електрична енергија да ја купуваат во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима, вели за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
За цената на електричната енергија на берзата, посочува дека повеќе не е највисока во текот на денот, туку е далеку пониска отколку во периодот во 19 или 20 часот, а по полноќ е уште пониска и затоа постојат драстични промени на берзанските цени и „ја имаме т.н. крива на гуска, којашто е карактеристична за земји каде што има изразено производство од фотоволтаици“.
– Имавме денови каде што цената на електричната енергија во текот на денот беше 1,68 евра за мегават час, имало денови кога било пет или шест евра. Во вообичаен ден е некаде околу 60 евра за мегават час и токму од тие причини кога зборуваме за можноста за воведување на евтина тарифа го гледаме тоа да испратиме сигнал и до ЕСМ и до ЕВН хоум, доколку има потреба, да купуваат електрична енергија токму во периодите кога е драстично пониска, со цел да си ја чуваме водата во нашите хидроелектрани дека подготовките за новата грејна сезона мора да започнат веднаш по завршувањето на оваа, објаснува Бислимоски.
Претседателот на Регулаторната комисија вели дека ја разгледуваат можноста да се воведе евтина тарифа, но доколку сите го применат овој концепт за купување електрична енергија кога е најевтина.
Од друга страна, во однос на тоа дали би можело да има поскапување на струјата објаснува дека тој лично не е приврзаник сега, во овие услови, да има зголемување на цената на електричната енергија, бидејќи постојат „доста отворени можности, кои мора да ги искористиме“.
Бислимоски истакнува дека иако имаше најави за тешка зима, сепак зголеменото домашно производство на електрична енергија, тренд што продолжува и во 2023 година, како и благата зима, помогнаа за избегнување на било какви проблеми.
– Во последниве шест седум месеци успешно се справивме со кризата, немаше зголемување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, напротив цената за малите потрошувачи од 1 јануари оваа година е намалена за 20 проценти. Немаше никакви рестрикции, никакви испади. Тоа се должи на зголеменото домашно производство на електрична енергија, но исто така имавме и блага зима и тоа секако ни помогна на сите. Тој тренд на зголемување на домашното производство е поизразен и во првите три месеци од годината за вкупните потреби на електрична енергија околу 88,5 проценти ги обезбедуваме од домашно производство, а увозот за целокупни потреби на електрична енергија, не само за регулиран пазар е 11,5 проценти и такви бројки мислам дека немало во последниве 20 години, објаснува Бислимоски.