Елмас ќе игра „лажна деветка“ против Милан во ЛШ

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас според најавуте ќе добие шанса од првата минута на утрешното четвртфинале од Лигата на шампионите меѓу Милан и Наполи, и тоа во улога на „лажна деветка“, како најистурен играч во нападот на „наполитанците“.

Информација ја најавуваат италијански медиуми, а според нив, Елмас е најдоброто решение за напаѓачката криза со која се соочува Лучијано Спалети, токму пред клучните европски натпревари.

Виктор Осимен се врати повреден од репрезентативната пауза и се уште не е подготвен за настап, а проблем плус претставува фактот дека Џовани Симеоне влезе во игра во второто полувреме против Лече и само десетина минути подоцна мораше да биде заменет поради повреда на мускулот.

За главоболките на Спалети да се уште поголеми, на вчерашниот тренинг на повреда се пожали и Распадори, третиот фудбалер што Наполи го има во тимот.

Тренерот на Наполи за време на вчерашниот тренинг пробувал тактика со Елмас како „лажна деветка“, а информациите од Италија се дека македонскиот „дијамант“ сосема добро одговорил на овој предизвик.