Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) повикува да се преиспита донесувањето на законите за коридорите 8 и 10-д во скратена постапка од причина што, како што посочуваат оттаму, со тоа се рушат основните постулати на правната држава, се зголемуваат ризиците од корупција и не се остава простор за јавна расправа, а пред сè не се остава простор за произнесување на стручната јавност за содржината на законските одредби.
„Со предложените измени на законите кои треба да се донесат во скратена постапка се задира во повеќе области меѓу кои и работничките права, правото на сопственост, заштитата на животната средина и други. Оттаму, неопходна е поширока јавна расправа со цел да се намалат ризиците од можни злоупотреби, ризиците од корупцијата, како и ризиците од законски решенија чија имплементација ќе создаде дополнителни проблеми“, велат од ДКСК.
Од Комисијата укажуваат дека во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, во секторот Политички систем, како еден од приоритетните проблеми кои треба да се адресираат е утврдено носењето на голем број на закони во скратена постапка без соодветно образложение за оправданост за овој вид постапка.
„Од тие причини, во Националната стратегија нагласено е дека е од суштинска важност да се обезбеди рационално користење на инструментот за носење на закони по скратена постапка во Собранието на Република Северна Македонија и подигнување на квалитетот на процесот на носење на законите преку подетално уредување на проценката на влијанието на регулативата“, велат од ДКСК.
Пратениците од власта, по многубројните реакции во јавноста, на денешната собраниска седница го повлекоа предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на културното наследство по скратена постапка. Другите предлог-закони ќе се носат по скратена постапка. Станува збор за законите за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
По многубројните реакции, власта ги повлече измените на Законот за културно наследство – другите закони ќе се носат по скратена постапка, опозицијата ја напушти седницата.