До почетокот на второто полугодие минатата година, 13-годишно момче со аутизам од источна Хрватска посетувало редовна настава и од ден на ден се подобрувало. Меѓутоа, тој ден телефонскиот повик од неговиот асистент кој му помагал полесно да го совлада материјалот, променил многу во животот на момчето, но и на неговите родители.
– Син ми одеше на училиште нормално, како и секој ден, а попладне, мислам по четвртиот час, ми се јави асистентот и рече дека нешто се случило. Таа ми рече дека дефинитивно ќе ме контактираат од училиштето, но дека чувствува должност прво таа да ме извести. Во основа, син ми доживеал сексуална злоупотреба во училишниот тоалет, а потоа и виртуелно – рекла мајката на момчето, која не крие дека се уште е вознемирена поради тоа, иако помина повеќе од една година – рекла мајката на момчето.
Таа за хрватските медиуми објасни дека нејзиниот син отишол во тоалет за време на училишниот одмор. Притоа ги спуштил панталоните и долната облека и така гол две години постаро момче го фотографирало со мобилен телефон.
Во сето тоа му помогнал неговиот пријател, кој чувал стража некој да не наиде. Станува збор за двајца две години постари ученици од истото училиште кои потоа на социјалните мрежи ги објавиле фотографиите од тоалетот, заедно со грди и навредливи коментари. Набргу потоа, а според пријавата на родителите, како што вели мајката, биле известени не само училишните служби, туку и просветниот инспекторат, Агенцијата за образование…
– Посебно сум разочарана од односот на училиштето бидејќи ми рекоа дека се е во ред, се прашуваа што сакам, тврдеа дека училиштето направило се што може и слично. Искрено посакувам ништо од тоа да не се случеше, но за жал се случи. Разговарав и со вработената во Центарот за социјална работа, која целиот случај го пријавила во полиција, и исто така се вклучи во случајот. Открија дека нема повеќе фотографии, дека се избришани, што се толкува како обид за прикривање докази – рекла мајката.
Како што минувало времето, така и родителите доаѓале до нови сознанија, според кои произлегува дека сето тоа не се случило случајно. Таа тврди дека двете постари момчиња со недели, па и месеци гледале кога момчето ќе биде без асистент за да го спроведат својот план.
Рекла и дека имало проблеми со вадењето документи од училиштето, бидејќи родителите повеќе не сакале нивниот син да го посетува тоа училиште во близина на децата кои му направиле такво нешто. На мајката и требале неколку месеци да ги добие потребните документи, а ги добила дури откако најавила дека ќе ги информира сите медиуми. Како и да е, момчето по неколку месеци било префрлено во друга образовна институција и за тоа време не одел на училиште.
Меѓутоа, после се што доживеало на училиште, момчето набрзо почнало да назадува, да станува агресивно, не спиело, се бунтувало, се будело, плачело…
„Почна да вели „Не сум глупав, нема да одам повеќе на училиште. Доколку случајно поминеше покрај неговото поранешно училиште, тоа ќе предизвикаше реакции кај него. Утврдено е и дека се уназадил поради се што доживеал“ – раскажува мајката.