Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека изјавите на западните земји покажуваат дека тие не сакаат да го решат конфликтот во Украина.
Министерот Лавров е во посета на Анкара, каде денеска се сретна со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
– Западот јасно ги прекршува резолуциите на Обединетите нации. Западот има и неконструктивна агенда – рече Лавров на прес-конференцијата.
Тој посочи дека Западот не крие дека Кина е следната цел по Русија, како и секоја земја што ќе се осмели да дејствува самостојно. Тој се осврна и на договорот за жито што беше постигнат со посредство на Анкара.
– Доколку е потребно, Русија ќе работи на извоз на жито преку Турција и Катар, надвор од Црноморскиот договор – рече Лавров.
Во јуни минатата година, Турција, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кои беа суспендирани по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Благодарение на турските напори, договорот за жито беше продолжен за уште 120 дена во ноември минатата година и уште 60 дена во март годинава.