
УЕФА: Чеферин доби нов претседателски мандат до 2027-ма
Со едногласна одлука на претставниците на редовниот годишен конгрес на Европската фудбалска асоцијација во Лисабон, Словенецот Александар Чеферин доби нов четиригодишен мандат како претседател на УЕФА, кој го извршува од 2016 година, кога го замени суспендираниот Французин Мишел Платини.
„Ви благодарам од се срце за вашата едногласна поддршка“, рече 55-годишниот словенечки адвокат во краткото обраќање до присутните по гласањето, кое беше од формален карактер со оглед на тоа што досегашниот челник на УЕФА немаше противкандидат.
„Многу ми значи. Тоа е голема чест, но, пред сѐ, голема одговорност кон вас и фудбалот. Можам да ви ветам дека ќе направам сѐ што е во моја моќ да не ве разочарам, ни фудбалот“, додаде Чеферин кој ќе ја извршува функцијата претседател до годишниот конгрес во 2027 година.
Откако е на чело на УЕФА, најголемиот предизвик со кој се соочи е заканата од приклучувањето на најголемите европски клубови во проектот Суперлига, затворено натпреварување за најбогатите. Иако успеа да го спречи нејзиното почнување само за неколку дена, Чеферин во својот говор, кој му претходеше на реизборот, предупреди на заканата што проектот Суперлига сè уште ја претставува за сегашниот фудбалски систем во Европа.