Вучиќ: Мене не можат да ме победат како во Црна Гора, на моите противници мозокот им е заматен

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска се обрати пред медиумите во Верона и во таа прилика рече дека неговите политички противници не можат да го победат како што го победија Мило Ѓукановиќ во Црна Гора, бидејќи тој повеќе не може да се кандидира за претседател на Србија, но и затоа што ветил дека никогаш нема да го победат.

Тој додаде дека на неговите противници „мозокот им е заматен, но не од алкохол и дрога, туку од патолошка омраза“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во своето обраќање пред медиумите во Верона изјави дека неговите политички противници рекле дека тој ќе воведе санкции пред една година, но дека не го сторил тоа.

„Помина повеќе од една година откако она за што бев обвинет не се покажа како вистина. Тоа е една во милион лаги – од тоа како лебдат трупови околу Обреновац, до Јованица“, рече Вучиќ.

Тој се осврна и на резултатите од изборите во Црна Гора.

„Секаде во медиумите гледам дека победи Вучиќ. Јас не победив. Победи господинот Милатовиќ, победија силите што го поддржуваат во Црна Гора. За разлика од сите, ние не се мешавме во изборите, се однесувавме многу коректно, сериозно и одговорно. Му честитав на г. Милатовиќ, официјално, бидејќи сите актери на политичката сцена веќе му ја честитаа победата на г. Милатовиќ уште пред конечното објавување. Изразив надеж дека нашите односи ќе бидат подобри и дека заеднички ќе работиме на напредок во тие односи“, рече тој.