
Претседателот на Израел, Исак Херцог ја повика владејачката коалиција веднаш да се откаже од законот за реформи во правосудството, по големите протести, пишува „Jeluzalem Post“.
„Синоќа видовме многу тешки сцени. Им се обраќам на премиерот, на владата и на владејачката коалиција: емоциите се тешки и болни, народот е многу вознемирен. Безбедноста, економијата, општеството – се е загрозено. Очите на Народот на Израел е со вас. Заради единството на народот, ве повикувам веднаш да го прекинете усвојувањето на законот“, изјави Херцог.
Апелирам до сите партиски лидери во Кнесетот, во владејачката коалиција, опозицијата да ги стават граѓаните на прво место и да дејствуваат одговорно и храбро, без натамошно одлагање“, рече претседателот на Израел.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во текот на денот ќе и се обрати на јавноста.
„Тајмс оф Израел“ објави дека воените лидери ќе се состанат денеска за да разговараат за случувањата, откако Нетанјаху синоќа го отпушти министерот за одбрана Јоав Галант.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Калеви ќе го собере најтесното раководство на Генералштабот, составено од генерали и команданти, како и цивилни претставници, јави израелското радио „Кан“.
Десетици илјади Израелци синоќа излегоа на улиците на градовите низ земјата за да протестираат против одлуката на Нетанјаху да го собори Галант, кој ја повика владата да го прекине контроверзниот план за судски реформи.
Демонстрантите го блокираа главниот автопат во Тел Авив и запалија голем оган на средината на автопатот. Полицијата употреби водени топови против демонстрантите, кои се собраа пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим.
Реформата во правосудството, предложена од министерот за правда Јарив Левин, ќе биде најрадикалната промена досега на системот на владеење во Израел, бидејќи ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, ќе и овозможи на владата да избира судии и ќе му дозволи на јавниот обвинител да назначи правни советници на министерствата.