Професии кои први ќе ги прегази вештачката интелигенција

Професори од универзитетот во Њујорк, Универзитетот Принстон и Универзитетот во Пенсилванија во својот нов труд насловен  Како четботовите како ChatGPT ќе влијаат на професиите и различните индустрии? се обиделе да расветлат кои професии ќе бидат први на удар од најбрзо растечката технологија во светот.

Иако научниот труд сè уште не е целосно завршен, резултатите се фасцинантни, пишува порталот „Футуризам“ (Futurism).

„Веруваме дека новите откритија во вештачката интелигенција најмногу ќе ги погодат работниците во телемаркетингот, а потоа професорите кои предаваат јазици, литература и историја во средните училишта“, наведуваат научниците.

„Клучно беше да се препознаат десетте области во кои вештачката интелигенција постигнала најголем напредок (препознавање слики, препознавање говор, моделирање јазик, апстрактни стратешки игри…) и да се поврзат со 52 вештини кои луѓето ги користат во својата професија“, објави еден од истражувачите на Твитер, реферирајќи се на споменатиот труд.

Учителите и вработените во финансиските служби, според овие истражувања, би можеле да бидат првите жртви на ChatGPT.

Сепак, треба да се нагласи дека ChatGPT сè уште не е најпрецизен во обезбедувањето на вистинските информации, што доведува во прашање како ќе ги подучува другите за историјата. Исто така, ChatGPT не е најдобар во математика, што е есенцијално за финансискиот сектор.